На 82 години, на 2 август во Скопје почина Симон Беличанец, доајенот на македонското спикерство чија професионална кариера е врзана за Македонската радио телевизија.

Беличанец е роден на 2 јуни 1942 година во Прилеп. Таму го завршил основното образование, гимназија, но и нижото музичко училиште.

Студирал на Технолошкиот факултет во Скопје, а за време на неговите студии се пријавил на аудиција во Радио Скопје и веднаш бил ангажиран како спикер.

Завршил и виша спикерска школа во Белград, во рамки на тогашната Југословенска радио-телевизија. Веднаш потоа почнува да ги чита вестите на МРТ. Тој бил водител на повеќе музички манифестации. Симон Беличанец е татко на познатата актерка Билјана Беличанец која прерано нѐ напушти пред 5 години.

Повеќе од 5 години од смртта на Билјана Беличанец, остана неодговорено прашањето – Зошто?

На 6-ти април 2019 година, во доцните часови низ јавноста проструи веста дека починала актерката Билјана Беличанец. На само 45 години, жената која одигра безброј маестрални улоги, која за своите пријатели и колеги беше цврста како камен, а истовремено и нежна и кршлива како стакло, си го одзеде животот со бесење.

Веста за смртта тогаш ја потврдија и од МВР, со соопштение дека телото на актерката го пронашол нејзиниот сопруг, режисерот Сашо Миленковски, во бањата во неговиот стан во Скопје.

И по повеќе од 5 години од смртта на Беличанец остана неодговорено прашањето – Зошто? Мајка на две деца кои ги доби со првиот сопруг и за кои секогаш раскажуваше со огромна љубов, голем број на одлично одиграни улоги во театарски претстави, во детски емисии, синхронизација на Хурем во популарната турска серија, според која го доби и прекарот македонска Хурем…

Речиси да немаше некој од нејзините колеги кој тогаш не се прости со неа со емотивна објава на социјалните мрежи. Сите жалеа за нејзината младост, за прекинатиот живот во време кога таа имаше уште многу да даде, но и прашуваа како се дозволи Билјана да им се излизга од рацете, која била маката која ја натерала на тој чекор, да посегне по својот живот?

Последната одиграна претстава на Беличанец е „Љубовници”, авторски проект на актерката Катерина Коцевска, во 2019 година.