51 годишниот возач на авотбусот на ЈСП кој вчера учествуваше во сообраќајната несреќа во скопско Блаце во која животот го загуби 17 годишно момче е осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа.

Од обвинителството велат осомничениот возач не се придржувал кон прописите и за да избегне кабаст отпад и шут кој биле на десната страна од патот тој возел во спротивна насока со што го загрозил сообраќајот и ги довел во опасност другите учесници.

„Со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока. Дејствието го сторил невнимателно, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил “Форд галакси” со скопски регистарски ознаки, со кого управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило. “-ОЈО

Тинејџерот кој бил од село Блаце немал возачка дозвола, а во возилото со него имало уште еден малолетник на 13 годишна возраст. Возачот и сопатникот во несераќата се здобиле со тешки телесни повреди по што веднаш биле пренесени во градската општа болница Св. Наум Охридски. Директорот на болницата Небојша Настов за Канал 5 вели двете деца со тешки телесни повреди веднаш по приемот биле пренесени на операција, но 17 годишниото момче и покрај напорите на докторите им подлегнало на повредите, додека другото по операцијата е во стабилна состојба.

„ Беше со тешки повреди донесен, итно беше внесен во сала, но поради тежината на повредите пацинетот почина за време на интервенцијата… Веднаш после приемот е опериран од страна на неурохируршката екипа, се уште е во интензивна нега во стабилна состојба. Ќе остане во интензивна нега во следните неколку денови.“ – Небојша Настов – дир. на „Св. Наум Охридски“

Во сообраќајната несреќа освен автобусот на ЈСП и возилото форд галакси, учествувал уште еден авотмобил марка фолксваген голф, кој по несреќата избегал. При ударот од голфот излетале дрва, неофицијално се работи за дрвокрадци. Полицијата трага по возачот на голфот.