Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, објави видео снимка од денешното апсење за убиството кај „Мавровка“.

Полицијата и вечерва ја продолжи потрагата по третиот осомничен за убиството кое утринава се случи кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, откако претходно уапси две лица осомничени за случајот.

Од МВР информираат дека веднаш по добиената пријава за пукањето се извршени претреси и прегледи на повеќе локации и возила. По наредба на судија на претходна постапка, полицијата извршила претреси на четири локации за кои, според МВР, постојат индиции дека престојувале лицата вклучени во кривичното дело.

„При преземањето на мерките и активностите пронајдени се доволен број на материјални докази. Се преземаат мерки за пронаоѓање и на третото осомничено лице односно целосно расчистување на случајот во координација со Основното јавно обвинителство Скопје“, додаваат од МВР.

Полицијата претходно денеска приведе две лица осомничени за убиството од утринава. Двете лица, за кои постои сомнение дека сториле кривично дело „убиство“, како што соопштија од МВР, ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка по целосно расчистување и документирање на случајот.