Потрагата по исчезнатата Нарин (8) од Турција се уште трае, а последните информации се дека полицијата пребарала стог сено на местото каде последен пат било видено девојчето.
Исто така, според турските медиуми, тие во моментов се на трага на силни докази, а уапсено е и едно лице за кое постои сомневање дека е поврзано со исчезнувањето на осумгодишното девојче.
„Имаме важни докази, блиску сме до резултати“, изјави командантот на покраинската жандармерија Дијарбакир, генерал-мајор Селџук Џулдирмир.
За случајот со исчезнувањето на девојчето проговори и нејзината мајка Јуксел Дуран, која изјавила дека сите се носат на распит.
„Ме земаа мене, татко ми, соседите, децата и брат ми“, вели скршената мајка.
„Сакаме да ја најдеме, за никогаш повеќе да не исчезне ниту едно дете и да не плаче ниту една мајка“, додаде мајката.
Јуксел додаде дека ја растажуваат луѓето кои пишуваат секакви работи на социјалните мрежи без да се грижат како се чувствува семејството на девојчето и како сите овие информации влијаат на нив.
„Срам да им е. Се разбудивме едно утро, беше рано, ни се јавија и викнаа: „Нарин е мртва“, објаснува расплаканата мајка.
Таа истакна дека државата добро си ја врши работата и дека им е благодарна за сѐ што прават за да ја најдат нејзината ќерка.
„Барам кој било, маж или жена, барам цела Турција да ја остави ќерка ми. Целото семејство ми е уништено. Не можеме да кажеме кој го направил ова. Но, ако сакате пари, можеме да ви ги дадеме. Ништо не вреди повеќе од Нарин. Имам пет сина и една ќерка“, се жали мајката во својот апел.
Осмиот ден од потрагата е уапсено лице потенцијално поврзано со исчезнувањето на Надин Гуран. Претресени се дури 47 куќи и 22 згради.
„За кратко време ќе ги добиеме резултатите за нашата Нарин. Повеќе од 1.000 луѓе од 17 окрузи моментално работат на пронаоѓање на девојчето и испитување на доказите по којзнае кој пат. Се надеваме дека наскоро ќе ја најдеме, кругот е многу тесен, сега би сакал да објавам добри вести за нашата Нарин“, рече генерал-мајор Џулдирмир.
Последната потрага опфаќа претрес на канал за наводнување на околу два километри од населбата каде последен пат е видено девојчето. Екипите со машини го отстранија шутот во потокот и го проширија просторот за делумно да го спуштат нивото на водата што го олеснува протокот, а специјални екипи го пребаруваат теренот.