Циклонот Борис предизвика поројни поплави низ Европа. Ситуацијата сега е најкритична во Австрија, Чешка и Полска. Во Виена се излеа Дунав, како и реката Вин, поради што жителите беа итно евакуирани. Во Полска пукна брана и едно лице загина, додека повеќе жртви се регистрирани во Романија.

Поради поплавите предизвикани од обилните дождови, илјадници луѓе денеска се евакуирани во Чешка, Полска и Долна Австрија, која е прогласена за зона на катастрофа.

Водостојот на реките во Централна Европа продолжува да расте, вклучувајќи го и Дунав.

Хеликоптер извлекува луѓе од поплавата во Австрија

Службите за итни случаи низ Долна Австрија со часови се борат со обилните врнежи што доведоа до поплави. Ситуацијата сега е критична и во Виена, каде што почна евакуацијата на загрозените жители. Во акцијата во Тулн загина еден пожарникар, а во спасувањето на граѓаните учествуваа и хеликоптери.