Најмалку четири лица загинаа во пукање пред популарен ноќен клуб во Бирмингем, Алабама, доцна синоќа

Престрелката се случила нешто по 23 часот, а според првичните информации напаѓачот од возило во движење пукал кон луѓето кои чекале да влезат во клубот „Хуш“.

Очевидци велат дека по звукот изгледало дека истрелите се испукани од автоматско оружје. Двајца мажи и една жена починале на лице место, додека четвртото лице починало во болница.

Според медиумите, ранети се уште десетина лица. Екипите на итната помош пренеле најмалку осум лица во болница, додека уште неколку лица биле донесени со приватни возила.

Полицијата смета дека имало повеќе напаѓачи, а засега никој не е уапсен. Полицијата соопшти дека побарала помош од ФБИ во истрагата, повикувајќи ги граѓаните кои биле сведоци на злосторството да излезат и да кажат што виделе.