Некогашниот тренер на младинците на Ајнтрехт, Хелге Рашце, пред 20-тина дена загина во сообраќајна несреќа. Во моментот на несреќата, во автомобилот немало никој освен тренерот, кој со возило од марката „Хјундаи“, под неразјаснети околности излетал од патот и се удрил директно во дрво. Од силината на ударот и здобиените повреди, Хелге починал на самото место.
Понатамошната истрага покажала дека Хелге во својот стан имал детска порнографија, а како што пишува реномираниот весник „Билд“, тренерот од неодамна бил предмет на истрага кај органите на редот.
Налог за претрес бил издаден од Окружниот суд во Франкфурт на Мајна поради сомнеж дека 33-годишниот тренер дистрибуирал порнографски содржини и така направил прекршок согласно членот 184 од Кривичниот законик.
Биле одземени уреди за складирање податоци, а во компјутерот биле пронајдени голем број датотеки со детска порнографија. Информациите се темелат на податоци од полициска истрага, а според германските медиуми, тренерот притиснат поради фактот дека му се подготвува апсење, извршил самоубиство.