Италијанските медиуми ова поладне пренесоа шокантна вест за смрт на поранешниот фудбалер Андреа Капоне, а за жал истата беше потврдена и од неговиот матичен клуб Калјари.
Безживотното тело на 43-годишниот Капоне било пронајдено рано утрово во хотелот Палацо Тирасо, па иако допрва ќе биде правена обдукција, се верува дека екс фудбалерот починал како последица на сериозен пад.
Тешките повреди на главата резултирале со смрт и шок за цела Сардинија, а трагичната вест го потресе и Калјари, клуб во кој Капоне настапуваше седум години.
Сите во фудбалскиот клуб Калјари сме вознемирени и со длабока тага ја примивме веста за смртта на Андреа Капоне, кој за жал почина на само 43 години.
Врската која тој ја имаше со нашиот клуб никогаш нема да се избрише, Андреа беше момче кое беше познато по професионализмот, посветеноста и страста. Тоа се квалитети кои ќе останат во срцата на сите кои го познаваа на теренот, но и надвор од него. Калјари како клуб ќе остане блиску до неговото семејство во овој период на голема болка, – гласи објавата на клубот од Сардинија.