ЖАЛНА ВЕСТ: НЕСТОР ОГИНАР 1947-2024 – 27 септември 2024 година, Њујорк, САД – По кусо боледување, денес почина професор Нестор Огинар, Македонец, професор по англиски јазик и долгогодишен македонски активист, иселеник во Соединетите Американски Држави.

Нестор Огинар е роден на 3 февруари 1947 година во Скопје, во семејство на трговци и земјопоседници со потекло од тетовското село Волковија. Детството и раната младост ја поминал во Гостивар, Тетово и Битола каде што го завршил средното образование.

Во 1968 година служел воен рок во тогашната ЈНА. Во 1969 година поради идеолошки несогласувања со КПЈ, односно КПМ, преку Виена заминал за Њујорк, САД каде завршил факултет за англиски јазик и книжевност со драма на Хантер Колеџот на Градскиот Универзитет во Њујорк.

Во 1973 година се вратил во Македонија и работел како професор по англиски во Тетовската гимназија “Кирил Пејчиновиќ“.

Во 1976 година се оженил со Милица, а потоа заедно се преселиле во Њујорк.

На Хантер Колеџот завршил магистратура по англиски јазик и книжевност и потоа се префрлил на приватниот “Њујорк Универзитет” каде се стекнал со диплома магистер по Филозофија и продолжил со докторските студии по англиски јазик и книжевност.

Од 1988 до пензионирањето во 2010 година, работел како професор по англиски јазик и литература во Њујорк.

Со д-р Милица Огинар, професор по француски јазик и литература имаат три деца – два сина и ќерка и неколку внуци.

Како патриот е активен за македонската кауза уште од најраното детство и младост.

Нестор Огинар е еден од основачите на Светскиот Македонски Конгрес и негов долгогодишен потпретседател и сенатор. Бил шеф на Постојаната мисија на Светскиот Македонски Конгрес при Организацијата на Обединетите Нации во Њујорк.

Нестор Огинар е прв претседател на задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Северна Америка и член на Советот на интелектуалците на ВМРО-ДПМНЕ.

Во 2002 година, како претседател на партијата Преродба и обединување на македонските национални идеали (ПОМНИ) учествувал на парламентарните избори во сите 6 изборни единици.

Работел како асоцијативен член на меѓународниот институт на Шилер.

Автор е на повеќе статии, есеи, трактати и дела печатени и во САД и во Македонија. Организатор и учесник на повеќе меѓународни конгреси. Организатор и учесник во повеќе протести, митинзи, собири ширум САД, Канада и Македонија за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ.

Во последниот пост на неговиот ФБ-профил од 7 септември годинава, Нестор вели: “Овој пост го пишувам како Македонец, и роден и растен и воспитан во Македонија, со македонски дух и свест. Кога некои утре таму, ќе го “слават Денот на независноста“, да ги потсетам дека, се’ уште живеат под анамнеза што трае веќе 33 години! “Слават“ една окупирана, незаконска и вештачка држава без име, без знаме, без идентитет, без јазик, без историја, без минато и без црква, понижена и исмеана од целиот свет… Тие се реалноста и вистината што јас ги гледам! Но, секому по своето… Посакувам да Ве закрепнат светлината и топлината на Сонцето на Македон!“