Зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата 2028, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021 се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата на најзагрозени споменици ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување.

„Ние веќе разговаравме со претходниот евроамбасадор Дејвид Гир , 7-8 години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе и тоа да стане некаков друг комплекс и да има друга намена. Потоа разговаравме и со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и донесовме одлука на Влада дека ќе биде реновирана. Формирана е работната група и треба да почне да работи. Сочинета е претставници од европските комисии и од Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура“, одговори Љутков на новинарско прашање по посетата на Националната опера и балет (НОБ).

САКАМДАКАЖАМ.МК лани во јули објави дека европските тела ги повикуваат македонските институции да конкурираат за грант за почеток на процесот. Но, и тогаш рекоа дека апликација за грант сѐ уште не е стигната.

На 8 август тогашниот евроамбасадор Гир се сретна со вицепремиерот Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговараа за реставрација на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје.

„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат, ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред сѐ стручно знаење како и сериозни средства. Но, централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција”, рече Николоски по средбата.