Денеска полицијата на главната станица во Хамбург на неколку часа ги затвори пероните 7 и 8 поради сомневање дека двајца патници се заразени со смртоносниот вирус Марбург.

Патниците биле принудени да ги напуштат пероните додека службите за итни случаи во целосни заштитни одела се качиле на возот ICE од Франкфурт, јавува Би-би-си.

Заразениот маж е 26-годишен германски студент по медицина, кој попладнево со својата девојка се качил со возот од Франкфурт за Хамбург.

Додека се возеле и двајцата почнале да покажуваат симптоми слични на грип. „Останува да се види дали навистина биле заразени со вирусот Марбург“, изјави портпаролот на противпожарната служба.

Студентот претходно пристигнал со авион од Руанда, каде бил во контакт со пациент на кого подоцна му била дијагностицирана инфекција со вирусот Марбург.

Руанда моментално се соочува со сериозна епидемија, а Министерството за здравство во главниот град Кигали извести дека од минатиот петок починале осум лица, додека вкупно се потврдени 27 случаи на инфекција.

Полицијата ги опколи двата перона, а парот бил однесен во Универзитетската болница Епендорф (УКЕ) во Хамбург, специјализирана за тропски болести. Им бил одземен и багажот.

„Како дел од контролата на инфекцијата, здравствениот оддел договори полицијата да приведува луѓе на главната железничка станица“, изјавија претставници на областа.

Според германските медиуми, во возот ICE имало околу 200 патници, а полицијата ги снимала нивните податоци за да утврди кој бил во контакт со двајцата евентуално заразени. „Сега треба да откриеме дали успеале да се заразат за толку кратко време“, додаде портпаролот на противпожарната служба.

Вирусот Марбург предизвикува треска со симптоми како што се конвулзии, крваво повраќање и дијареа и стапка на смртност е до 88 проценти, според Светската здравствена организација.

Луѓето се инфицираат преку контакт со телесните течности на заразените луѓе.

Нема лек за Марбург

Вирусот Марбург е најсмртоносниот вирус во светот, имајќи предвид дека, според податоците на СЗО, убива до 90 отсто од заразените. Во моментов нема лек за болеста.

Почетните симптоми вклучуваат силна главоболка, висока температура, дијареа, абдоминална болка и повраќање. Со текот на времето, симптомите стануваат поизразени. По неколку дена, многу пациенти доживуваат внатрешно крварење или крварење од отворите на телото како што се устата, очите и ушите.

Марбург вирусот се пренесува на луѓе кои се изложени на рудници или пештери каде што се наоѓаат лилјаците. После тоа, вирусот се шири преку директен контакт со телесни течности на заразени лица или површини и материјали кои биле во контакт со тие течности, пренесуваат странските медиуми.