Две лица загинаа, а 25 се повредени, од кои девет потешко при слетување на комбе со мигранти ноќеска околу 1 часот и 20 минути по полноќ на автопатот А3 кај Новска во местото Пакленица во Хрватска, јавуваат утрово хрватсите медиуми.

Полицајците кои работат на борба против криумчарењето мигранти и спречување на илегалната миграција забележале комбе со германски национални ознаки кое изгледало преоптоварено на наплатната рампа на Новска. Кога возачот на комбето ја забележал полицијата, ја зголемил брзината и продолжил да се движи во правец на Новска.

Поради сомнение за криумчарење мигранти, полициските службеници без звучна и светлосна сигнализација го следеле комбето на безбедно растојание, без да го бркаат. По 7 километри, при пристигнувањето во градот Пакленица, затекнале комбе кое излетало од патот во одводен канал каде удрило во бетонски мост, по што се превртело странично и удрило во ѕид од куќа и столб за електрично осветлување.

На местото на инцидентот загинале две лица (возач и сопатник), додека на останатите лица им е укажана лекарска помош во повеќе медицински установи. Пристигнале осум екипи на Брза помош, а повредените патници се пренесени во болниците во Нова Градишка, Сисак, Пакрац и Славонски Брод.

Портпаролот на болницата „Д-р Иво Педишиќ“ во Сисак изјави дека во Сисак се примени шест пациенти, а станува збор за државјани на Турција, Сирија, Палестина и Ирак. Има тројца пациенти со тешки и тројца со лесни физички повреди. Еден пациент е опериран, а другите пациенти моментално се на набљудување во болницата во Сисак.

Во комбето имало вкупно 27 патници. На местото на настанот е извршен увид, а ќе се утврдува идентитетот на лицата во комбето.