Основното јавно обвинителство Скопје информира дека интензивно презема дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес.

„Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на местото и за обдукција на починатите. Комбито е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот“, се вели во соопштението.

Во сообраќајката што се случи вчера попладне на автопатот Скопје – Велес, три лица загинаа, а пет беа повредени. Несреќата, како што соопшти МВР, е пријавена во 17:45 часот, а до неа дошло откако на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот, се превртело комби.

„Во СВР Скопје било пријавено дека синоќа во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти МВР.

Поради сообраќајката вчера попладне беа блокирани двете сообраќајни ленти на автопатот Скопје – Велес. Сообраќајот беше во прекин од 17:45 часот и се пренасочуваше преку Петровец – Велес (по стариот пат), Миладиновци – Св.Николе – Велес – Штип.

Две лица се во критична состојба

Четири лица од вкупно петте кои вчера беа тешко повредени во сообраќајната несреќа кај Катланово се хоспитализирани на КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Директорката на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) Марија Срцева во изјава за Курир вели дека две лица се во критична состојба.

– Сите четворица пациенти се хоспитализирани во Единицата за интензивно лекување и сите се со тешни телесни повреди, од кои двајца се во критична состојба. Двајца од нив се оперирани веднаш по приемот. Лекарските тимови кои од синоќа се дополнително зајакнети се борат за нивниот живот и го пружаат потребниот здравствен третман и нега, вели Срцева за Курир.

Од Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (стара Градска), истакнуваат дека едното лице повредено во сообраќајката, кое било донесено кај нив, е со полесни повреди и во стабилна состојба.