Тројца велешани на возраст од 37, 47 и 66 години се загинатите од синоќешната страотна несреќа на автопатот Скопје – Велес, кога возачот на комбито во кое се превезувале изгуби контрола и се преврте пред тунелот Катланово.

Тројцата починале на местото на несреќата. Останатите петмина од комбито, вклучувајќи го и возачот, со тешки повреди се префрлени во болница.

„Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.“ – ОЈО Скопје.

Засега е непозната причината за превртувањето на комбито. Осумтемина патници со службено возило на скопска фирма каде што работеле, се враќеле од работа кон дома кога се случила несреќата. Од обвинителството велат дека се издадени наредби за обдукцина на телата и вештачење на возилото и трагите.

„Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на местото и за обдукција на починатите. Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот.“ – Општина Велес.

Поради тројцата загинати жители на Велес, Советот на општината го прогласи утрешниот ден за Ден на жалост во градот. Знамињата ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации во Велес закажани за утре, се одложуваат, а угостителските објекти кои се на територијата на општината ќе ја прилагодат музиката која ја пуштаат.

„Сите четворица пациенти се хоспитализирани во Единицата за интензивно лекување и сите се со тешни телесни повреди, од кои двајца се во критична состојба. Двајца од нив се оперирани веднаш по примот. Лекарските тимови кои од синоќа се дополнително зајакнети се борат за нивниот живот и го пружаат потребниот здравствен третман и нега“, изјави утрово директорката на ТОАРИЛУЦ д-р Марија Срцева.

Уште еден пациент е хоспитализран во Градската болница Св. Наум Охридски, на 42 годишна возраст, тој бил надвор од животна опасност.

„Синоќа беше примен 42-годишен маж со изместена чашка на десниот колк. Беше однесен на интензивна нега, чашката беше вратена и сега се наоѓа на одделение со стабилна состојба, но ќе биде потребна операција на колкот во наредните денови“, вели директорот на „Св. Наум Охридски“ д-р Небојша Настов.

Лицата кои се повредени се превезувале секојдневно на релација Велес- Скопје и обратно, со две возила сопственост на фирмата која била правно лице од Лисиче. Ги управувале некој од вработените кои работеле како заварувачи и бравари, објави локалниот портал tirekovmirece.com