Во текот на судењето за свирепото двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, сведочеше и началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски. Во своето сведочење, тој откри дека истрагата ги следела повеќе различни теории, од кои една била базирана на информации дадени од родителите на Вања.

„Работевме на различни теории произлезени од родителите, а една од нив беше поврзана со нејзиниот виртуелен дечко од Шведска“, изјави Димовски.

Според него, Вања комуницирала со момче преку интернет, разговарале на англиски јазик, а деталите што ги откриле на неговиот профил ги вознемириле истражителите.

„Го проверивме профилот и забележавме дека на неговата страна имаше знамиња поврзани со ИСИС. Тоа го направи случајот уште посериозен и веднаш вклучивме колеги од други оддели за да ја провериме таа можна закана“, додаде тој.

Се преземале обемни проверки, вклучително и соработка со шведските власти, како и проверки на границите, но истрагата не резултирала со конкретни наоди.

„За жал, сите проверки беа негативни и оваа трага не водеше никаде. Изгубивме два дена работејќи на оваа теорија“, сведочеше Димовски, објаснувајќи дека полицијата морала да одземе телефони и компјутери за детални анализи, кои траеле неколку дена.