Шарбат Гула беше млада Авганистанка со зелени очи чија фотографија објавена во National Geographic во 1985 година стана симбол на војните во таа земја. Ја фотографирал американскиот фотограф Стив МекКари кога била адолесцент и живеела во бегалски камп на пакистанско-авганистанската граница. Нејзиниот идентитет бил откриен дури во 2002 година, кога МекКари се вратил во областа и ја нашол.

Оттогаш оваа фотографија неколку пати го обиколи светот, а интересно е што самата Гула за прв пат ја видела дури 17 години подоцна.

Стив МекКари тогаш работеше како фоторепортер на National Geographic во Пакистан, за време на првите години од советската инвазија на соседен Авганистан. За време на едно од снимањата, тој влегол во исламско верско училиште за девојчиња во бегалски камп, а првото нешто што го видел биле овие прекрасни зелени очи на тогаш 10-годишната Шарбат Гула.

Иако на почетокот сакала да го сокрие лицето, фотографот побарал помош од нејзиниот учител кој ја убедил да соработува. Во едно од интервјуата Гула откри дека се сеќава на „само нејзиниот гнев“ што го почувствувала во моментот кога е направена таа, сега веќе иконска, фотографија. Имено, во културниот контекст на паштунските норми, постапките на МекКари се сметаа за крајно наметливи. Таму не беше вообичаено девојката да го открива своето лице, да има блиска интеракција или да воспостави контакт со очи со мажи кои не биле дел од нејзиното семејство.

Иако фотографијата беше придружена со натпис „Загрижениот поглед ги открива стравовите на авганистанскиот бегалец“, години подоцна се испостави дека збунетиот изглед на ова мало девојче најверојатно бил резултат на непријатноста и стравот што Гула ги чувствувал додека МекКари ја фотографирал.

Иако таа фотографија на МекКари се искачи на височините на фотографскиот свет и му донесе материјален профит, Гула не доби ништо од неа!

Новинарите на National Geographic решиле повторно да ја побараат 17 години подоцна и да направат нов портрет на Гула, сега веќе возрасна жена. За жал, единствената промена во нејзиниот живот беа годините.

Во меѓувреме, Гула се омажила на 13 години и го напуштила училиштето, а дури тогаш, 17 години подоцна, дознала дека нејзината фотографија го обиколила светот.

“Таа фотографија ми донесе многу проблеми… Посакувам никогаш да не беше направена. Добро се сеќавам на тој ден, на тој фотограф што пристигна на училиште. Бев дете. Не ми се допаѓаа фотографиите. Во авганистанската култура, жените не се појавуваат на фотографиите, но немав многу избор“, изјави таа минатата година за италијанска Република.

И додека нејзината фотографија стана позната низ светот, Гула се бореше за опстанок со сопругот и децата на границата меѓу Пакистан и Авганистан. Подоцна, нејзиниот сопруг починал, а таа останала сама со своите деца на милост и немилост на неговото семејство. Проблемите не завршија тука. Во 2016 година пакистанските власти ја уапсија под обвинение дека фалсификувала лична карта за да остане на нивна територија. Тоа, пак, било вообичаена практика, но локалните власти решиле да ја казнат жената која била симбол на Авганистан.

Гула потоа се вратила во Кабул со своето семејство, а авганистанската влада и тогашниот авганистански претседател Ашраф Гани ја пречекале назад и ѝ ветиле дека ќе и дадат стан за да може „да живее достоинствено и безбедно во својата татковина“. Меѓутоа, нејзината ќерка не можела да се школува, иако многу сакала. Поради ова, но и поради исклучително лошите услови за живот, семејството тргнало во потрага по безбедност и подобра судбина. Среќата конечно им се насмевна во 2021 година, кога италијанската влада им ги отвори вратите, а Гула и нејзините деца сега живеат во мал италијански град.

“Имав слобода на избор. Кога пристигнаа талибанците, сфатив дека ќе ми биде тешко да останам во мојата земја бидејќи бев премногу позната во Авганистан. Неколку влади ни понудија помош, но јас ја избрав Италија бидејќислушав многу за тоа, за местата, но и за луѓето.

“Кога мојот сопруг почина, неговото семејство не и дозволи на ќерка ми да се школува, иако таа многу го сакаше тоа. И не можев да направам ништо за да ја сменам нивната одлука. Но, денес можам. Еве ние сме слободни и имаме избор, мојата ќерка сака да стане докторка, а јас и ветив дека ќе направам се што е во моја моќ за да и ја остварам желбата“, рече Гула, која истакна и дека Италијанците се љубезни кон неа. Сепак, таа не разговара со многу луѓе поради јазичната бариера. Тоа не и пречи, среќна е затоа што никој не знае која е.