Голема полициска акција во која учествуваат специјалци, вечерва е во тек во босанскиот град Босанска Крупа, каде вчера 14-годишно момче упадна во полициска станица и со нож уби полицаец и тешко рани негов колега, јавуваат локалните медиуми.

– На терен се преземаат одредени мерки и дејствија. Инспекторите работат на терен заедно со Обвинителството. Информации за тоа што и како се прави, ќе имаме по фактичките дејствија на терен – изјави за порталот „Аваз“ портпаролот на полицијата во Унско-Санскиот кантон, Аднан Бегановиќ.

Според информациите, се претресуваат куќи и други објекти. Медиумите денес објавија дека тинејџерот-убиец Елмир С. имал верски мотиви за злосторството, односно дека бил радикализиран од неговиот чичко, кој бил познат припадник на екстремното исламско вахабистичко учење.

Крвавиот инцидент ја потресе босанската јавност. Осмоодделенецот Елмир С. вчеравечер влегол во полициската станица околу 20:40 часот. Загинатиот полицаец Озрен Маран го забележал момчето и го прашал каде оди, а откако ја отворил вратата од канцеларијата, детето најмалку трипати го избодело, при што смртоносна бил убодот кој поминал меѓу ребрата и го погодил срцето.

Во тој момент, полицаецот Авдо Хасановиќ се обидел да го онеспособи малолетникот, кој избезумено мавтал со ножот. На вториот полицаец момчето му нанело повеќе повреди на стомакот и главата. Хасановиќ по операцијата е во стабилна состојба.

На терен потоа излегле припадници на Специјалистичката единица, голем број припадници на униформираната полиција, како и инспектори на МУП УСК.