Со новиот зимски ред на летање, што стапува во сила на полноќ, од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе летаат 14 авиокомпании до вкупно 37 редовни дестинации и до седум дестинации со чартер летови, или вкупно 44 дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје. Од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, пак, три авиокомпании ќе летаат до четири дестинации.
Од аеродромскиот оператор ТАВ Македонија за МИА информираат дека согласно најавите и информациите добиени од авиокомпаниите, од Меѓународниот аеродром Скопје ќе сообраќаат: Aegean Airlines, Air Serbia, Ajet, Austrian Airlines, Chair Airlines AG, Croatia Airlines, Edelweiss, Lot Polish Airlines, Lufthansa, Pegasus Airlines, SunExpress, Turkish Airlines и Wizz Air. Тие ќе летаат до дестинациите: Анталија, Атина, Базел Милуз, Белград, Берлин, Болоња, Братислава, Бремен, Брисел Шарлероа, Будимпешта, Дортмунд, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Измир, Карлсруе, Ларнака, Љубљана, Лондон Лутон, Малме, Малта, Милано Малпенса, Минхен Меминген, Нирнберг, Осло Сандефјорд, Париз Бове, Рим Фиумичино, Салцбург, Сараево, Венеција Тревизо, Виена, Загреб, Цирих, Варшава. Четиринаесеттата авиокомпанија е Freebird, која што ќе сообраќа на чартер летови до/од скопскиот аеродром до/од Хамбург/Хановер, Минхен/Штутгарт, Берлин/Лајпциг, Манчестер/Лондон, Париз, Лион/Марсеј, Диселдорф/Франкфурт. Дополнително, на овие пет дестинации летаат повеќе од една авиокомпанија: Анталија (Pegasus и Sunexpress), Франкфурт (Lufthansa до аеродромот Франкфурт и Wizz Air до аеродромот Хан), Истанбул (Turkish Airlines до аеродромот iGA; Pegasus и AJet до аеродромот Сабиха Гокчен), Измир (Pegasus и Sunexpress) и Цирих (Edelweiss и Chair Airlines).
Од Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, Wizz Air, Chair Airlines и Edelweiss ќе летаат до Виена, Меминген, Дортмунд и Цирих, соодветно.
Зимскиот ред на летање за Охридскиот аеродром е идентичен со ланскиот зимски распоред на летови, 2023/2024 година. За скопскиот аеродром минатата година зимската сезона имаше 13 авиокомпании кои летаа до 42 дестинации, сега има 14 авиокомпании кои оперираат до 44 дестинации вклучувајќи ги и чартер летовите.
Со последниот повик за субвенционирање на авиолинии следната година од македонските аеродроми ќе може да се патува до Дубаи и Барселона, дестинации кои се обновуваат, како и до Лион, Штудгарт, Базел и Истанбул.