Зградата на железничката станица во Нови Сад е авторско дело на архитектот Имре Фаркаш и неговите соработници од проектанктското атеље ,, Архитект”. Зградата е изградена во далечната 1964 година за осум месеци, додека нејзината “кинеска” реконструкција во 21-от век, траела три години.
Архитектите Имре Фаркаш и Милан Матовиќ работата на архитектонскиот бисер ја завршиле беспрекорно. Одлично го проектирале пружниот погон со четири колосека за поминување, два локални и пет колосеци за возови на чекање, а зданието го поделиле на четири функционални целини –дел за управување со сообраќајот, репрезентативен хол со чекални, ресторан и сегмент за истовар и преглед на возови.
Кровот бил луцидна авторска имагинација , асоцијација на крововите на типичните панонски куќи. Импресивно било и страничното предворје со воочлива “потковица “, со свртувалиште за пристап на патни возила. Внатрешноста на ,,потковицата“ е оплеменета со преубави цвеќиња.
Проектираниот објект бил исклучително функционален и овозможувал само во една минута преку 1000 патници да стигнат од пероните до зградата.
Фаркаш е роден 1924 та година во Нов Бечеј. Студирал и дипломирал во Белград 1950 година. По дипломирањето бил ангажиран како асистент, а потоа и како хонорарен наставник по предметите Нацртна геометрија, Перспектива и техничко цртање на Архитектонскиот одсек на Техничкиот факултет во Скопје каде останал до 1955.
Во тој период бил и помошник на директорот за проектирање на истиот факултет, а се занимавал и со проектирање и изработка на статички пресметки .Најпознат проект на Фаркаш во Македонија е Гимназијата во Тетово (1951) и поголем станбен блок за универзитетски наставници, кој настанал во соработка со колегата Ристо Шекерински. Овој станбен блок се наоѓа во центарот на Скопје на улица Орце Николов.
По заминувањето од Скопје, Фаркаш наредната деценија живее и работи во Нови Сад како водечки архитект во проектантското биро “Архитект” каде проектира повеќе јавни и училишни згради како и поголем број станбени згради .
Во тоа време доверена му е градбата на новосадската железничка станица која е изградена за неполни осум месеци.
Посебно внимание посветувал на деталите, во ентериерот на големиот двоспратен хол. Таванската површина составена е од истите “позлатени” квадратни плочки , кои во дадената констелација имале улога на невообичаено и неконвенционално покривање ‘цик-цак” на внатрешноста на долната површина на кровната конструкција.
Прочуеното ”Фаркашево злато” придонело за топлина на двоспратниот простор, па со самото тоа и едно топло домаќинско добредојде на пристигнатите патници во Нови Сад.
Според пишувањето на тогашните локални медиуми, поради завист на поединци на власт, во јавноста во тоа време, поведена е кампања против предлогот тој да биде награден со Октомвриска награда на градот Нови Сад, за проектот на железничката станица.
Фаркаш тешко го доживеал сплеткарењето од колегите и се иселил во Канада. Нови Сад го напуштил во 1966 година и се преселил во градот Брамптон во Канада, каде се занимавал со архитектонско проектирање се до пензионирањето во 1996-та година. Никогаш не ја заборавил станицата во Нови Сад , а неговите студенти од Канада и денеска кога ќе се најдат во Европа задолжително го посетуваат животното дело на својот професор. Фаркаш починал пред десетина години, а една деценија по смртта се случи и големата несреќа на новосадската железничка несреќа.
Дел од текстот е превземен од danas.rs.