Претседателските избори во САД почнаа со гласање во Диксвил Ноч, мало гратче во Њу Хемпшир, каде гласачките места беа отворени на полноќ на источниот брег на САД (шест часот наутро по Средноевропско време)

Според наводите на CNN, и Камала Харис и Доналд Трамп добиле по три гласа, откако на тоа избирачко место излегоа четворица регистрирани гласачи на Републиканската партија и двајца неопределени, што значи дека еден од републиканците се одлучи за Камала наместо Трамп.

Различните визии на Трамп и Харис

Трамп и Харис нудат две сосема различни визии за САД, почнувајќи од економските прашања и репродуктивните права до надворешната политика и прашањата за иднината на американската демократија и планетата, пишува Гардијан.

Пристапот на Харис кон надворешната политика е сличен на оној на Бајден, со акцент на одржувањето на американските глобални сојузи, особено НАТО, како и поддршката за Украина и Израел. Трамп не ја исклучи можноста САД да се повлечат од НАТО, па дури и навести дека може да се повлече од други сојузи.

Тој, исто така, постојано нагласуваше дека немаше да има војни во Украина и на Блискиот Исток доколку тој беше претседател на САД. Трамп тврди дека ќе стави крај на војната во Украина на првиот ден од неговиот втор мандат во Белата куќа.

Харис предложи збир на економски планови насочени кон намалување на јавната потрошувачка и инфлацијата, вклучително и помагање на купувачите кои првпат купуваат домови. Таа, исто така, вети дека ќе ги намали даноците за десетици милиони семејства со средни и ниски приходи. Харис, исто така, го поддржува предлогот на Трамп за укинување на даноците за бакшиш.

Голем дел од планот на Трамп за намалување на инфлацијата зависи од неговото ветување дека ќе ги намали трошоците за енергија со проширување на дупчењата за нафта и гас, иако економистите велат дека неговите планови за зголемување на тарифите и масовната депортација на мигрантите всушност би можеле да ги зголемат трошоците.

Трамп, исто така, беше многу критичен за високите каматни стапки, главната алатка на Федералните резерви за борба против инфлацијата. За време на кампањата, Харис беше гласен поддржувач на правата за абортус, обвинувајќи го Трамп дека целосно го укина тоа право во одредени сојузни држави.

Во септември, Харис претстави план за воведување построги казни за илегалните мигранти, Трамп и републиканците ја обвинуваат администрацијата на Бајден за ситуацијата на границата поради, како што велат, премногу благата имиграциска политика.

Трамп вети дека, доколку добие втор мандат, ќе ја спроведе најголемата операција за депортација на мигранти во историјата на САД. Прелиминарните резултати од изборите би можеле да бидат познати веќе во среда, на 6 ноември, во зависност од брзината на пребројувањето на гласовите.