Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, ја информира јавноста за страшна сообраќајна несреќа што синоќа по полноќ се сучила во близина на охридската населба Елешец.
На 13.11.2024 во 01.15 часот, на регионалниот пат Охрид-Св. Наум, во близина на охридската населба „Елешец“, патнички автомобил „пежо“ со охридски регистарски таблици, управуван од 18 годишно лице од Охрид, излетал од патот.
Возачот починал на местото на несреќата, а смрт констатирал доктор од Итната медицинска помош, додека 16- годишен сопатник од Охрид е пренесен во болницата „Св.Еразмо“ каде му се констатирани тешки телесни повреди, информира Димоски.
Славка Јанеска, професорка по македонски јазик и литература во ОСУ „Св. Климент Охридски“ на социјалните мрежи го откри идентитетот на загинатото момче.
„Доаѓам на училиште и.. трагична вест. Наш, мој ученик го загубил животот во сообраќајна несреќа. Димитар, весело благородно дете, животот му беше песната, секогаш насмеан, со зборовите.. ‘Уште оваа песна, професорке’.. Како да знаеше дека кратко ќе биде на овој свет, каде се’ е привидение, само смрта е реалност. Што да се каже, нема зборови, освен ‘животе скоте’. Патувај кај ангелите Димитар, за да им пееш и осветлуваше со својата позитивна енергија и весел дух“, напиша таа.