На овој пат во село Пирок, општина Боговиње, пред 11 години е убиен Мухамет Асани, познат во Тетово со прекарот Мека. Тогаш случајот остана нерасчистен, но вчера беше уапсено осомниченото лице. Според СВР Тетово, осомничениот е со иницијали Ш.Ш. (41) од Порој, Тетово.

„Вчера во 16.30 часот од слобода бил лишен 41-годишниот Ш.Ш. од село Порој поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело „убиство“, извршено на 12.10.2013 на регионалниот пат од село Пирок кон село Жеровјане. По наредба на Основен суд Тетово извршен е претрес во домот на Ш.Ш.. Против лицето е поднесена кривична пријава, при што од страна на Основен суд Тетово му е изречена мерка притвор од 30 дена“.

Според адвокатот Ќенан Рамани, кој ги застапува членовите на семејството на жртвата, повеќе лица се инволвирани во ова кривично дело. Тој вели дека на починатиот му била направена заседа од еден познаник, а убиството било добро осмислено.

„Во ова кривично дело, според околностите, постојат индиции дека се инволвирани повеќе од три лица и припаѓа на групата убиства признати во кривичното право, убиство со умисла, односно лицето, всушност сега починатиот Мухамед, е повикан, или има доверба од друго лице, и во овие случаи се работи за убиства, се квалификуваат како убиства со умисла, каде што се сомневаме дека може да има и други инволвирани лица, кои биле вработени во државни органи.“, вели Ќенан Рамани.

На прашањето дали лицата осомничени за убиство се поврзани со починатиот Мека, Рамани одговори:

„Сега починатиот имал различни односи со еден од осомничените за ова убиство. Според членовите на семејството, тие имале несогласувања, но тоа биле банални работи. Немало некаков процес што требаше да се направи, што е тешко кривично дело. Не се сомневаме дека ова кривично дело ќе биде изведено пред лицето на правдата, сите инволвирани во ова кривично дело ќе бидат казнети и ќе ја добијат заслужената казна“, вели Ќенан Рамани.

Засега во овој случај е осомничено само едно лице. Дали ќе има проширување на истрагата се очекува да се види во наредните денови. Неофицијално се дознава дека осомничениот го признал кривичното дело.