Кираца Трајковска и нејзиниот син Гоце, кумови со семејството на грабнатата и свирепо убиена Вања Ѓорчевска, се првите кои ги поврзале исчезнувањата на Панче Жежовски и на Вања, според нејзиното сведочење денеска во Основниот кривичен суд. Освен што е во кумско сродство со Ѓорчевски, на Трајковска обвинетиот Љупчо Палевски ѝ е зет за втора братучетка.
Со Ѓорчевски рече се во старо кумство и во добри односи. И професионално контактирале, таа како заменик-генерален директор на Фершпед, каде работел и обвинетиот Александар, татко на Вања. Одговарајќи на прашањата на обвинителката, Трајковска за исчезнувањето на Вања рече дека дознала од Фејсбук. Веднаш го известила синот Гоце Трајковски, кој требаше да сведочи денеска, но доби паничен напад.
Таа вечерта на 27 ноември им се јавила на родителите на Вања. Им предложила синот Гоце да дојде да им помогне во потрагата по малата кума Вања. Ги споила Гоце и Александар, зашто тие не биле во редовна комуникација како нивните родители.
Гоце барал по кафулиња, влегол во распаднати куќи. Одел по куќи и по згради, гледал камери каде имало. Земале снимки, потоа ги гледале. Сведокот за тоа време била во Белград, кај ќерката.
„Тој забележал дека девојчето се губи во зградата. На аголот имало некои 10 метри кои камерите не ги покриваат. Но, никаде Вања не ја виделе пешки”, сведочеше таа.
Третиот ден гледале движење на коли. Синот Гоце на снимката препознал по издувните гасови дека тргнува кола. Александар рекол нема шанса Вања да влегла во оваа кола. На снимката се видело дека поминало и пикап возило.
Потоа разбрале дека го нема и Панче Жежовски. Се јавила кај своите роднини во Велес, ѝ кажале дека таа е колата за која прашуваат, од која на снимките пред зградата на Вања се испуштале издувни гасови, како да тргнува.
Прашала само дали тој исчезнатиот Панче (додека сè уште не бил најден мртов), има старо сиво возило. Добила потврден одговор на тоа што интуитивно се посомневала дека може тој човек ја грабнал Вања.
По овој заклучок, Гоце снимките ги дал во МВР. Тоа старо возило со Панче Жежовски како се гледа жив, Гоце го видел и на снимка на бензинска пумпа во Велес, од фризерница и од други објекти. Од сите снимки Гоце ѝ праќал скриншотови на мајка му додека за тоа време била во Белград.
Заклучокот денеска беше дека всушност сведокот Трајковска и нејзиниот син биле тие што ги нашле најважните снимки и кои ги поврзале исчезнувањата на Панче и на Вања, место МВР и Обвинителството.
Со зетот Палевски, пак, таа била и во деловни врски. Но, порано. Кога бил во притвор во Белград, не исконтактирале. Таа останала во Белград до денеска и не контактира со него.
За Александар кажа дека бил вреден работник кога работел во Фершпед. Но, и дека ни Александар, ни некој од семејството на Зорица го познавал Љупчо Палевски. Во моментот на случување на настанот, ѝ било познато дека станот на „Наум Наумовски-Борче”, е на Александар Ѓорчевски.
Во продолжение ТРАНСКРИПТ од сведочесето на Кираца Трајковска:?
ОБВИНИТЕЛСТВО:
К- Тројцата од Велес не ги познавам, Љупчо Палевски ми е зет за втора братучедка, а со Сашо имаме старо кумство.
О – Во какви релации сте со семејството Ѓорчевски?
К – тоа е старо кумство, од женидбата на мојот свекор, во добри односи сме до денеска, тие ни се кумови и Саше работеше скоро десет години во Фершпед, јас во Фершпед работев долги години како земеник-генерален директор
О – комунициравте често со семејството Ѓорчевски?
К – порано да, последните години јас сум во Белград, но имаме контакти, со Саше се слушавме да видиме како е, со неговиот татко работевме и деловно и комунициравме приватно
О – Гоце Трајковски комуницираше со Саше?
К – не се имаа видено може десет години
О – кога дознавте дека ова се случило со Вања?
К – видов на Фејсбук, ја видов објавата на Зорица, веднаш препратив на ќерка ми во Белград, му пуштив на Гоце и тој ме праша кое е девојчето, кажав дека е на Саше ќерка, знаеше дека се по полиција, не сакал да им досаѓа. Се работи за девојче кое е во такви години, се сомневавме дека се запознала со некое момче, да се прошетаат, па ѝ било незодно да се врати дома, дали имала комуникации на Фејсбук, ќе слушневме дека во школо комуницирала со некои девојчиња, па комунициравме со нив.
О – кога се слушнавте со Зорица?
К – се сеќавам дека беше вечерта дента кога изчезна, на инсистирање на ќерка ми, напишав порака и на Зорица и на Саше, двајцата ми одговорија, Зорица рече дека се во Беко во станица, а Сашо му напишав да дојде Гоце за да му помогне, на Гоце му го напишав телефонот на Саше да стапат во контакт
О – од која причина му рековте на Гоце да им помогне?
К – сите бевме истражители, за било кое дете да е, не само за друго дете, знам дека Саше е мирен и повлечен и дека во тие моменти родителот поинаку размислува, нема да резонира како што треба. Гоце е поинаков, да му помогне, барале камери, влегувал во кафичи Гоце, во распаднати куќи
О – каде бевте вие?
К – во Белград, кај ќерка ми, комунициравме телефонски
О – кога Гоце се вклучил?
К – наредниот ден веднаш отиде Гоце, вечерта се слушнаа со Саше, наредниот ден отиде
О – Гоце ве известуваше?
К – во секој момент, единствено кога почнавме да досаѓаме со сугестии
О – што ви рече Гоце како конкретно помагал?
К – идеше по куќи кај што има камери, по улица одиш и гледаш
О – што се гледало на тие камери?
К – првиот ден извести дека забележал во зградатана самиот агол кај што е паркингот, нема покривање на влезот, нема камери, рече мене девојчето ми се губи во зградата, од зградата не е излезена, рече непријатно е можда ама ѝ реков на Зорица дали воопшто Вања спиеше тука, сметал дека може излегла вечерта. Рече девојчето е грабнато тука во зградата, да не има некој педофил во зградата, Зорица рекла ги знаеме луѓето, имало во подрумот некоја просторија поголема, викнале некој човек да им отвори ама ја немало.
О – што беше сомнително?
К – ми кажа дека забележале пикап што поминува
О – кој беше епилогот на анализирањето на Гоце?
К – разбравме дека го нема Панче Жежовски, ајде ќе прашаме човекот што кола има, кажаа приближно боја, дека е стара кола, сомнежот го свртевме кон него. Мислевме дека тој ја земал. Јас го поврзав Гоце со роднина, тие комуницираа за возилата
О – се познавате ли со Палевски?
К – да, откога се ожени со братучедка ми, може и претходно
О – со што се занимаваше Палевски?
К – градежништво, трговија и еден период го издаваше весникот
О- имаше ли финансиски проблеми во тој период?
К – порано не, покасно да, ама сите имаме и падови и успони во бизнисот, се решавало институционално
О – кажавте дека сте биле во Белград, кога беше Палевски во Белград се гледавте ли со него?
К – не, јас се обидов неколку пати, кога се случи тоа во Белград баравме со ќерка ми да најдеме адвокат дали ќе му треба, а не можев да стапам во контакт бидејќи беше во притвор
О – колкав период Александа работеше?
К – десетина години работеше кај нас, па отиде во Кометал
О – познато ли ви е дали семејството на Ѓорчевски се познавало со Палевски?
К – не
О – дали ви е познато нешто за станот на Наум Наумовски Борче?
К – единствено дека Ванчо го има купено на времето
О – во моментот на настанот ноември 2023, вам лично дали ви е познато чија сопственост е станот на Наум Наумовски Борче?
К – на Александар
О – од каде ви е познато?
К – со една пријателка летото се дружевме во Охрид, дојдена е Зорица, таа имаше сознание дека Зорица го продала станот, а јас знаев дека после оставинската постапка кој стан чиј е
О – зборувавте дека Гоце ви споделувал се што добивал, меѓу другото и информација за движење на Цитроен
К – се ми испрати
О – дали ви ја испрати снимката од возилото Цитроен?
К – ми испрати слика
О – во однос на сомнителното возило вие глеате слика, што гледате на таа слика?
К – возилото и бојата, сивкаста боја, старо возило
О – дали се гледаат регистарските таблички?
К – не
О – дали се гледа марката на возилото?
К – не
О – кој доаѓа до заклучокот дека е тоа возилото на Панче?
К – јас давам идеја, дека можеби тоа е возилото на Панче, видов дека има исчезнат човек
О – како го врзувате возилото, кога велите човек нема?
К – интуиција, не знам како
О – како слушнавте, дека Панче го нема, или Панче со возилото
К – дека Панче го нема
О – вие сте се распрашувале кој е човекот, вие сами го поврзувате возилото или од полиција ви кажуваат?
К – јас ги споив мојот роднина (во МВР) и Гоце и син ми продолжи
О- кој ден доаѓате до заклучок дека Цитроенот е поврзан со Вања?
К – околу 28 или 29ти
ПАЛЕВСКИ
П – Дали е спомнато дека јас сум бил очув на Вања?
К – не
П – Дали ви спомнал за разговорот со Сокол Митревски, претходниот директор на КПУ Затвор Скопје?
К – не
П – за претресот вршен во станот на Иванка, дали сте му кажале на Гоце дека адвокатка кажала дека Александар е основач на Десна?
К – не
П – дали верувате дека јас можам да ја убијам Вања?
К – ако биле причина парите, не