Македонската фудбалска репрезентација најверојатно ќе биде најголемиот губитник од прекинот на натпреварот меѓу Романија и Косово во Букурешт, пишува спорт1.мк.
Мечот официјално е прекинат бидејќи косовската репрезентација веќе го напуштила стадионот, а иако уште не е официјално потврдено, многу веројатно домаќинот службено ќе го добие натпреварот со 3-0. Тоа ќе ѝ направи проблем на македонската репрезентација бидејќи ќе ѝ се намалат шансите за пласман во баражот за Светското првенство преку Лигата на нации.
Романија е единствената селекција која е подобра од Македонија бидејќи досега е со максимален ефект и со евентуалните три бода против Косово би имала 15, два повеќе од Македонија во пресрет на последното коло.
Во него, ние ги пречекуваме Фарски Острови, а Романија игра со аутсајдерот Кипар и речиси сигурно ќе дојде до нов триумф со кој ќе биде апсолутно најдобра репрезентација во Ц-лигата на нации.
А тоа значи едно место подолу за Македонија во севкупната табела на победниците на сите групи, што е многу значајно за обезбедување на место во баражот за пласман на СП 2026.