Маморијален марш со кој ќе бидат одбележани 26 години од големата трагедија на Солунска Глава кога загинаа четворица љубители на планините – Влатко Боцевски (Влатче), Бранислав Ристовски (Бране), Огњан Филиповски (Оги) и Предраг Толмачев (Папе/Пеџа) организира алпинистот Дарио Милошевски. Годинава маршот ќе трае од петок, 6 декември, до понеделник, 9 декември, со проширена програма поради празникот „Св. Климент Охридски“. Настанот ќе се одржи на познатата локација во планинарскиот дом „Чеплес“ со активности кои ќе ги поврзат учесниците со природата, планинарството и сеќавањето на загинатите.

– Со длабока почит и љубов кон нив, ве повикуваме заедно да го одбележиме нивното сеќавање, истовремено уживајќи во природата што тие толку многу ја сакаа – вели Милошевиќ.

Програма на настанот

Петок, 6 декември

– Пристигнување и сместување во планинарскиот дом „Чеплес“ во попладневните и вечерните часови.
– За оние кои не знаат или не се сигурни како да пристигнат до „Чеплес“ ќе биде обезбедена придружба. Оваа група ќе појде од Богомила (зборно место железничка станица и продавниците во Богомила) од 16:20-17:00 часот.
22:00 – Отворање на меморијалот.

Сабота, 7 декември

08:00 – Старт на маршот. Посета на месноста „Горна Бабина Рупа“ каде ќе биде оддадена почит на загинатите и искачување на врвот Солунска Глава.
16:00 – Ручек – планинарско гравче (овој ручек го обезбедува организаторот).
18:00 – Потсетување на загинатите преку проекција на документарниот филм изработен во нивна чест.
18:45 – Проекција на филм на тема планинарство и алпинизам.
20:00 – Планинарска вечер придружувана со неколку гитари.

Недела, 8 декември

09:00 – Кратки прошетки. Во зависно од интересот може да биде организирана водена тура до изворите на Бабуна.
16:00 – Затворање на официјалниот дел од меморијалот.
19:00 – Планинарска дружба. Отворени теми од областа на планинарството и алпинизмот. Размена на искуства. Прашања и одговори.

Понеделник, 9 декември

09:00 – Кратки прошетки.
12:00 – Заминување.

Што е важно да знаете?

Милошевиќ вели, за искачувањето од планинарскиот дом „Чеплес“ до врвот Солунска Глава задолжителна е зимска планинарска опрема (добри планинарски чевли, гамашни, топла облека, капа, ракавици и сл.). Учесниците треба да си понесат основен прибор за јадење (лажица, виљушка и нож). Садови и чинии не се потребни зашто има во планинарскиот дом.

Во петок (6 декември) возот од Скопје за Битола поаѓа во 14.30 часот и треба да пристигне во Богомила во 16.20.

– Доколку има учесници што ќе го користат овој транспорт, тие ќе бидат пречекани од дел од тимот на организаторот за заеднички да се искачат до „Чеплес“. Цената на сместување во домот ќе биде 300 денари од ноќ во стариот и 500 денари во новиот дел. За да се обезбеди сигурно место во делот во кој сакате да престојувате, потребно е да се направи резервација по телефон најдоцна до четврток (5 декември). Се гледаме на Солунска! – вели Милошевиќ.

Информации и резервации на телефон: 075/303 988 – Дарио Милошевиќ