На лице место починал 60-годишник, кој движејќи се синоќа по 23 часот на стариот пат на влез во населбата Три Чешми, кај Штип бил прегазен од возило. Информацијата ја потврија од СВР Штип.

„На 18.11.2024 во 23.15 часот во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат Штип – Кадрифаково, патничко возило „фолксваген поло“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Ј.И.(49) од Штип, удрило во пешакот И.К.(60) од с.Три Чешми. Од здобиените повреди, И.К. починал на местото на настанот“, соопштија од полицијата.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

Истражните органи не ја потврдија неофицијалната информација дека пешакот бил прегазен со такси возило. Местото каде се случила несреќата нема простор за движење на пешаци, но е кратеница за да се влезе од автопатскиот дел во населбата Три Чешми. Во исто време, според возачите, ова е место кое често се користи да се избегне плаќањето на патарина и се вози релативно брзо.

Но, за причините и како се случила несреќата ќе се знае по увидот што синоќа го направил Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Штип.