Двајца жители на Битола вчера пријавиле дека биле измамени, а вкупната штета е 26.000 евра, соопшти полицијата. Во првиот случај, 60-годишна жена од градот пријавилa во полиција дека била жртва на измамник, кој ѝ зел 10.000 евра, соопшти МВР.
„Според пријавеното, пред околу четири месеци на фејсбук стапила во контакт со лицето, кое се претставило дека е со македонско потекло, дека е вработен во армијата на САД, а моментално на мисија во Сирија и дека сака да ја прекине мисијата. Како што е пријавено, лицето ја известило дека мора да уплати 10.000 евра доколку сака да ја прекине мисијата и побарало од неа да ги пушти парите на лице во Турција преку брз трансфер на пари затоа што додека бил на мисија немал пристап до неговата банкарска сметка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Во вториот случај, жртвата е 36-годишен жител на Битола, кој пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од околу 1.000.000 денари (16.000 евра).
„Според пријавеното, од 03.09.2024 до пријавувањето имал комуникација со лицето преку различни телефонски броеви, при што бил упатуван во повеќе наврати да внесува парични средства во неговиот виртуелен паричник, при што во наведениот период преку една платформа внел околу 1.000.000 денари, кои веќе ги немало на неговата сметка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.