Со електрични автобуси и инфраструктура за нивно полнење Владата сака да го реши проблемот со јавниот превоз во главниот град. Ова доаѓа откако државата мораше да интервенира и преку државните резерви да го снабди ЈСП со нафта додека претпријатието не склучи долгорочен договор за набавка на гориво.
Но, нафта има за околу една недела. Но што понатаму? Ќе може ли ЈСП да ги задоволи потребите на скопјани од следниот четврток?
На ова прашање се уште не може да се добие одговор. Владата му позајми нафта на ЈСП за една недела, а огласот за тендерот кој е веќе распишан завршува на 3 декември, односно 5 дена откако Јавното сообраќајно претпријатие би требало да ги потроши државните резерви.
Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, во разговор за Сител објаснува дека со одобрувањето од страна на Бирото за јавни набавки, ЈСП сега ќе може да влезе во преговори со потенцијални добавувачи додека не се најде сигурен извор на нафта.
– Ќе преговараме со заинтересирани понудувачи, што ќе до достават понуда. Ние ќе избереме, ако има повеќе добавувачи, најдобрата понуда што е за нас. Тоа е до периодот додека не склучиме нов договор за тендер, вели Кушовски.
Тендерот на ЈСП пропадна поради тоа што дошла понуда само од Пуцко Петрол и тоа за максимална цена од 100 денари за литар нафта. Самиот ЈСП во огласот напишал дека доколку добие една понуда за максимална цена од 100 денари за литар нафта, тогаш тендерот пропаѓа. Друг проблем е што ЈСП веќе му должи пари на Пуцко Петрол. Директорот сега тврди дека тој долг е намален, и не е во висина од 10 милиони евра, но колку ЈСП му должи на Пуцко Петрол, не открива.
– Ќе видиме сега, со новиот Буџет што ќе биде за следната 2025 година. Тоа е долг што е од претходни години. Инаку, од моментот кога сум јас директор, тој долг е намален. Новата нафта што е носена, во тој износ се намалува долгот. Има тенденција на намалување долгот, вели Кушовски.
Јавниот превоз во Скопје од изутрината се врати во нормала. Но бидејќи проблемот не е решен, туку одложен, жители од Шуто Оризари, студенти и средношколци денеска протестираа пред бараките на Град Скопје. Бараат сериозни и одржливи решенија за јавниот превоз.
ЈСП се соочува со големи проблеми во работењето и во изминатите месеци граѓани се жалат дека автобусите се нередовни. Тоа кулминираше завчера, кога автобусите беа повлечени во базите.