Управата за сузбивање корупција и организиран криминал во Хрватска – УСКОК- спроведува акција при што според загрепски медиуми – во тек се апсења во пет окрузи.
Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејствија се резултат на кривична истрага спроведена од Службата за кибер-безбедност при Управата за криминалистичка полиција и Сплитско-Далматинската полициска управа по налог на УСКОК,.
„Наведените дејствија се спроведуваат во Хрватска на подрачјето на повеќе полициски управи (Сплит-Далмација, Загреб, Приморје-Горски Котар, Пожега-Славонија и Истра) во врска со повеќе лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против интелектуална сопственост и кривични дела против компјутерски системи, програми и податоци“, наведуваат од УСКОК.
Освен во Хрватска, акции се спроведуваат и во неколку други земји како дел од меѓународна координирана акција, се додава во соопштението, објави Јутарњи лист.
Повикувајќи се на извори блиски до овој случај, N1 јавува дека апсењата се поврзани со продажба на интернет телевизија. Инспекторите се насочени кон компании кои продавале интернет телевизиски пакети со по 400 програми. Фирмите се од повеќе жупании, па акцијата беше проширена на сите.
Луѓето за „услугата“ плаќаа од 10 до 15 евра месечно.