Трагедија попладнево го потресе северот на Франција, кога во страшна престрелка загинаа пет лица. Насилникот подоцна и се предал на жандармеријата, признавајќи ја одговорноста за нападите.

Четирите жртви, убиени во близина на Данкерк, се двајца чувари и двајца мигранти, додека петтата жртва, 29-годишен бизнисмен, почина во Вормхаут.

Според извештајот на весникот Le Parisien, жандармеријата добила дојава за пукање и едно лице кое било пронајдено во несвест околу 15 часот. По пристигнувањето, еден маж бил пронајден со повеќе повреди, меѓу кои и прострелна рана во главата. Лекарите на местото на настанот можеле само да констатираат смрт.

Сопругата на жртвата, која била во куќата за време на нападот, изјавила дека нејзиниот сопруг излегол да провери што се случува откако слушнал звук од автомобил. Тогаш непознатиот напаѓач излегол од возилото и испукал неколку куршуми кон него пред да побегне

Осомничениот е 22-годишен маж

Околу 17:00 часот, 22-годишен француски државјанин се појавил во станицата на жандармеријата во Гивелде, каде ја признал одговорноста за убиството во Вормхаут и за четирите убиства во Лун-Плаж, наведува извор близок до истрагата. Во неговото возило биле пронајдени четири огнени оружја, а младиот човек веднаш бил уапсен.

Инспекторите веруваат дека причината за нападот би можела да биде спор меѓу осомничениот и компанијата на која и припаѓала жртвата од Вормхаут. Осомничениот споменал поранешни колеги, но расистичкиот мотив засега не е во центарот на истрагата.