Постапките на институциите во потрагата по 13-годишниот Николај се адекватни и навремени, изјави пред бугарските новинари в.д. министерот за внатрешни работи на Бугарија Атанас Илков од селото Коњари во Стара Загора каде осми ден се трага по исчезнатото дете кое е со Даунов синдром.

„Денеска сме тука да ја продолжиме потрагата во уште поголеми размери. Веднаш по добивањето на сигналот се направи организација. Не можеме да зборуваме за никакви празнини. Временските услови се влошуваат, но продолжуваме да бараме“, објасни тој.

Според в.д. министерот за внатрешни работи на Бугарија засега нема докази дека детето е киднапирано.

Во потрагата по 13-годишниот Николај утрово се вклучи и војската. Во недела навечер околу 19:30 ч. кучето со кое исчезнало детето, се вратило во селото. Животното било пронајдено во близина на објект до куќата на Николај. На кучето му е вграден џи-пи-ес и полицијата се надева дека ќе ги доведе до детето. Меѓутоа, досега, тоа ја одвело мајката на Николај до блиската вода и напуштена куќа, но момчето не било пронајдено таму.

„Нашите вработени се уморни. Тие се на граница на нивните сили. И волонтерите. Затоа војската доаѓа да помогне. Не ја потценивме ситуацијата“, додаде министерот за внатрешни работи Атанас Илков.

Детето кое има Даунов синдром исчезнало минатиот вторник. Во потрагата по него се вклучени повеќе од 100 луѓе – полицајци, шумски службеници, волонтери од целата земја. Во акцијата се користи и хеликоптер, како и бројни дронови и термални камери.

Останува мистерија за иследниците како кучето не било забележано на ниту една термална камера, ниту како се вратило чисто ако било во шумата.