ДСЗИ не утврдил пропусти при третманот на починатото деветгодишно дете од светиниколското селко Пеширово. Инспекторите во вонредниот инспекциски надзор ја провереувале документацијата во трите здравствени установи каде детето било прегледувано и лекувано.
Во вторникот, истиот ден и кога починало прво е евидентирано кај матичниот лекар во Свети Николе заради болки во стомакот, повраќање, кашлица и 39 температура.
-При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип, информираат од ДСЗИ и објаснуваат дека таму било донесено со такси возило околу 18 часот каде е прегледано, и од дежурниот лекар е поставена дијагноза сомноленција односно поспаност.
Повторно му е направена лабораторија и дополнително КТМ на глава. Заради општата лоша здравствена состојба како и наодите од испитувањата, детето со медицинска придружба и болничко возило по претходна најава како итен случај околу 20:30 часот е префрлено на Детската клиника во Скопје.
-На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часа има дополнително влошување со респираторен и кардиак аррест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус, стои во информацијата од здравствениот инспекторат.
Точната причина за смртта останува непозната бидејќи не е извршена обдукција зошто семејството одбило.
Обдукцијата пак треба да покаже од што починале близначињата во прилепското село Славеј, по првичните информации дека најверојатно е поради неухранетост и премрзнатост. Овој случај го испитува прилепското обвинителство.
За смртните случаи реагираа од опозициската ДУИ. Преку соопштение повикуваат министерството за здравство и останатите институции да преземат итни чекори.
-Фактот дека повеќе деца ги загубиле своите животи во последните шест месеци отколку во изминатите години треба да биде аларм за сите нас, бараат од ДУИ.