Најновиот „изум“ во врска со паркирањето во трговскиот центар ДАЈМОНД е задолжително приложување сметка од најмалку 400 денари доколку автомобилот остане паркиран повеќе од бесплатните два часа.
Приложувањето сметка за ослободување од плаќање се применува и во други молови низ градот, но разликата е во тоа што во „Дајмонд мол“ нема друг начин да се плати паркирањето.
Значи, оној што решил два часа само да шета низ трговскиот или дошол со детето на нечиј роденден во игротеката или на прослава во некој од рестораните, за да излезе потоа со возилото мора, сакал-нејќел, нешто да купи во која било продавница во молот. Инаку, нема излегување од паркиралиштето.
Ваквата постапка предизвикува револт кај посетителите на трговскиот центар. Еден од нив за СЛОБОДЕН ПЕЧАТ го раскажува своето неодамнешно искуство, кога го посетил молот во друштво на својата сестра која пазарувала, но тој не купил нешто. Кога стигнал на пултот за наплата, му било кажано дека мора да приложи сметка од 400 денари бидејќи возилото му било паркирано повеќе од 2 часа и дека нема друга опција за паркирање.