Најмалку 20 борци од ривалските герилски фракции се убиени во судир во колумбиската џунгла додека се бореле за контрола на област за шверц на дрога, соопштија воени извори и канцеларијата на колумбискиот омбудсман за човекови права.

Судирите се случија за време на викендот во џунглите на југоистокот, каде се судрија ривалските фракции на поранешните членови на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), објави Ројтерс.

Судирите уследија по офанзивата што ја започна друга герилска група, Народноослободителната армија (ЕЛН), во североисточниот регион Кататумбо, во која загинаа најмалку 80 луѓе.

„Пријавени се голем број убиени и повредени“, соопшти канцеларијата на народниот правобранител на Икс.

Loading...

Ривалските фракции на ФАРК вклучуваат една која води мировни разговори со администрацијата на претседателот Густаво Петро и друга која вети дека ќе продолжи со борбата откако владата го суспендираше билатералното примирје.

Двете фракции се разделија во април минатата година поради внатрешни несогласувања.

Вооружените конфликти во Колумбија траат повеќе од 60 години и главно се финансираат од шверц на дрога и нелегално ископување рудници.

Конфликтите резултираа со повеќе од 450.000 смртни случаи и милиони раселени лица.

Loading...