Државниот пазарен инспекторат синоќа го затвори кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец, поради непочитување на протоколите на Владата за заштита од ковид-19. Во кафулето синоќа имаше журка со светски познатиот диџеј Роџер Санчез, која десетина дена беше најавувана како спектакуларна. Во координираната акција на Општина Центар, Министертсвото за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат било утврдена дека во локалот после 22 часот се направила голема гужва односно не се почитувале препопраките, поради што журката е прекината и кафулето затворено.

„Гостите имаа сертификати за вакцинација. Бидејќи имавме најава за журката, на врата полицијата ги легитимираше гостите и им бараше сертификати. Проблемот настана подоцна, кога според бројот на продадени карти локалот се преполни со гости и на тој начин не се почитуваа протоколите“, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска.

Според записникот на инспекторите, денеска ќе се одреди колкава ќе биде казната за локалот. Според законот, локалот може да биде затворен од 10 до 30 дена, казната за одговорното лице е 1.500 евра, а за правното дополнително ќе се одреди според големината на локалот.

На терен вчера биле и инспекторите од Општина Центар и пајак службата на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ кои собирале неправилно паркирани коли со кои буквално била блокирана улицата Народен фронт.

Инаку, ова популарно место за забава, веќе има најавени журки со популарни ди Џеји и музички гости од регионот веќе во петок и сабота, како и во наредниот период.

На снимките се гледа дека гостите во локалот уживаат во сетот на Ди Џеј Роџер Санчез без да ги почитуваат ниту санитарните мерки, не се држи дистанца, не се носат маски и бројот на гости е над дозволениот број со последните рестриктивни мерки.

View this post on Instagram

A post shared by Zarko Blazevski (DJ Zhack) (@zarko_blazevski)

Согласно последните владини мерки ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови имаат забрана за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи.

Влезот за гостите е исклучиво со потврда за имунизација која треба да ја провери редар во објектот доколку има капацитет над 30 гости, а синоќа тоа го правеле и инспекторите на ДПИ, кои утврдиле дека гостите имаат сертификати за вакцинација, но по 22 часот, објектот го преплавиле гости кои уредно платиле влезница по цена од 1.000 денари.

Претходно, заради гласната музика, „Интермецо“ и претходно е казнуван и затворан од инспекторите.