Влијанието од конфликтот на Блискиот Исток веќе се чувствува во Грција, се наведува во истражувањето на Хеленски статистички завод (ELSTAT), кое покажува раст на инфлацијата од 2,6 отсто на месечно и 3,9 отсто на годишно ниво.

Притисоци се забележани во енергетскиот сектор, каде што цените на горивата бележат двоцифрени пораст, пренесува Екатимерини.

Промени се регистрирани кај дизел горивото (24,1 отсто), бензинот (11,4 отсто) и останатите горива (19,8 отсто).

Цените на авионските билети на месечно ниво пораснале за 26,2 отсто.

Што најмногу поскапе од храната?

Растот на цените на храната продолжи со 0,2 отсто на месечно ниво, со поскапувања кај јогуртот (3 отсто), овошјето и зеленчукот (2,2 отсто), додека е забележан пад на цените на тестенините (3,5 отсто), говедското месо (0,5 отсто), свежата или замрзната риба (3,3 отсто) и јадливите масла (1,6 отсто).

Покрај енергијата, евидентиран е и месечен раст на цените на облека и обувки од 21,9 отсто, што се поврзува со враќање на цените по зимските попусти.

Во споредба со февруари, инфлацијата во транспортот изнесувала 7,3 отсто.