Фолк-пејачот Васил Атанасов кој почина пред еден месец, конечно е погребан во Германија. Неговата сестра Лидија објави на неговиот профил дека го погребале на 4 ноември на новите гробишта во Лудвигсбург, каде што Васил живеел 30 години.
„Им благодариме на македонската православна црква во Штутгард, св. Кирил и Методиј и на македонската музичка естрада кои го организираа погребот и со православен македонски поп од Минхен го погребавме брат ми. Тој многупати им свиреше на родендени и прослави“, рече Лидија.
За потсетување, семејството на Васил не можеше да го погребаат фолк-пејачот повеќе од 20 дена поради финансиски проблеми. Во Германија им бараа 5500 евра, додека од погребалното претпријатие во Македонија тие не добија никаков одговор.
Струмичанецот кој остана запаметен во јавноста по хитот ,,Кој не раздели”, веќе подолг период имаше здравствени проблеми и последните месеци од животот ги поминал во количка.
Веста за неговата смрт пред еден месец ја објави сестрата на музичарот, Ленка, која ги опиша неговите последни моменти. Раскажа дека многу пател поради големата кавга со синот, кога тој се откажа од него поради финансиски недоразбирања и го зел презимето на мајка му.
Според неа, токму поради голем стрес започнале здравствените проблеми на Васил, кој лани се оперирал бидејќи имал проблеми со рамнотежата, и по операцијата останал неподвижен. Потоа започнале и проблемите со бубрезите, за да последните три недели ги помине во тешка состојба во болница.
-Јас и внуката Аница, која е ќерка на нашата сестра Гонца, постојано го негувавме. Три пати на ден одевме во болница да го храниме, само супа можеше да јаде. Завчера, по вечерата тој падна во кома, а ние се вративме плачејќи во неговиот стан. Утринава кога заѕвони телефонот, знаевме што ќе ни кажат, дека починал, изјави тогаш Ленка.
И самиот музичар, во времето додека беше жив, често пишуваше на социјалните мрежи за кавгата со синот која се случила кон крајот на 2015 година. Тогаш ни изјави дека неговиот син наполнил 30 години и не е дете, а недоразбирањето се случило поради финансиски проблеми.
-По голем стрес сум и не ми се зборува, затоа и ги објавив пораките со син ми, за да знаат пријателите низ што минувам, бидејќи тој не е мало дете, туку 30-годишен маж – раскажуваше тогаш Атанасов. За животот во Германија, кажуваше дека и самиот не знае дали погрешил што се преселил.
Пред тоа работел како наставник по музичко воспитување во основно училиште во Вељуса, а често имаше настапи низ локали и учества на фолк фестивали во земјава. И во Германија продолжил да се занимава со музика и гостувал на семејни забави на наши иселеници.
-Драго ми е што нашинците во Германија ја слушаат мојата легендарна песна ,,Кој не раздели”. Кога настапувам на крштевки и други семејни прослави, се трудам да пеам што повеќе македонски песни. Музиката ми е во срцето, исто како и Македонија и се радувам на летото, кога планирам да дојдам во Струмица, изјави тој минатата година.