Жена со две деца во рацете изгоре пред вратата на автобусот, јавуваат бугарските медиуми.
Пред средната врата од автобусот има изгорено жена со две деца во рацете, најверојатно близнаци, јавува „24 часа“.
Инспекторите во моментов проверуваат за дополнително гориво бензин во автобусот, бидејќи дизелот тешко експлодира, а автобусот бил на дизел.
Еден од преживеаните патници на премиерот Зоран Заев му раскажал дека го разбудила голема експлозија.
Инаку засега е познато дека 45 лица живи изгореа во автобусот на автопатот Струма во два часот утринава, сите патници се од Македонија, а поголемиот дел од Скопје.
Пред местото на несреќата е пронајдено и парче гума, што најверојатно пукнала, по што возачот удрил во заштитната ограда.
Седумте преживеани од автобусот се спасиле откако го искршиле стаклото и излегле низ него.