Обвинителството правилно го квалификува делото, бидејќи стореното дело ги има сите потребни елементи, за да се квалификува правно, како дело со умисла, вели адвокатот Владо Бангиевски откако републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски потврди дека против Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова, се води постапка за најтешкото кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.
Како што потенцира во разговор за „Локално“, сите дејствија, обвинетиот ги сторил во состојба во која бил свесен за последиците од таквото свое постапување и се согласил со последиците кои би можеле да настанат од таквото постапување. И тука, според него, како што вели, имаме чисто дело сторено со умисла.
Обвинителството ќе ги стави под лупа и родителите на Васил. Ќе испитува дали и како родителите му овозможиле на 20-годишникот да управува со возило кое може да се толкува како општа опасност за предизвикување несреќа односно дали има умислена одговорност и кај нив. Бангиевски се согласува дека текот на истрагата е соодветен од аспект на тоа, колку родителите имаат дел, односно удел, во сторувањето на делото. Тука секако, претпоставувам, објаснува тој, дека Обвинителството ја има во предвид и возраста на сторителот на делото.
Околу можната висина на затворската казна, според соговорникот, нормално е дека јавноста е револторана и реагира со протести.
-Но, секогаш сум против било какви надворешни притисоци или влијанија врз судството. Тоа мора да им оддолее на сите притисоци и влијанија однадвор. Со оглед на тежината на делото и последиците од него очекувам казна блиску до максималната, но не за да се задоволи јавноста туку да се задоволи правдата, оценува Бангиевски.
Под дејство на алкохол, со брзина многу поголема од дозволената и на црвено, Васил удрил во 22-годишната Фросина. Засега не е позната точната брзина со која тој го управувал возилото. Во моментот се врши вештачење на камерите од „Сејф сити“, но и од околните објекти. Вештакот преку нив ќе треба да утврди колкава била точната брзина и дали воопшто се обидел да ја намали брзината.
„Локално“ вчера поразговара со уште едно правно лице кое се согласува дека не постои речиси ниту една олеснителна околност кај младиот возач. Според Драган Малиновски, се очекува повеќе годишна затворска казна.
Грубо е да се каже убиство. Смртта настанала во сообраќајка и тоа е регулирано со посебни одредби од Кривичниот законик кои се однесуваат за кривични дела од безбедноста на сообраќајот. Убиствата се сосема нешто друго. Во принцип, кривичните дела се извршуваат со умисла. Умисла е ако некој го посакува кривичното дело и последиците од делото, значи со волја прави – ако некој влезе да краде, влегува со умисла да краде, вели во разговор за „Локално“ адвокатот и поранешен член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски откако за најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот и тоа со умисла ќе одговара 20-годишниот Васил Јованов, кој минатата недела на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, ја прегази 22 годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова, која веднаш им подлегна на повредите.
Малиновски анализира дека кривичните дела од безбедноста на сообраќајот, се малку поспецифични и во принцип, никој не сака да стори сообраќајка и човечки е да се каже.
-Малку е тешко разбирливо како може да се рече со умисла, но законот прави градација и вели „кај кривични дела под дејство на алкохол, без возачка дозвола, со енормна брзина итн“ за нив се смета дека се извршени со умисла, односно дека не се со небрежност, од причина што секој што ќе седне пијан да вози е свесен дека може да направи последица или ако е без возачка дозвола, знае дека нема дозвола, претставува зголемен ризик и со тоа се согласува со последицата. Ако вози 120-130 километри на час како што возело момчето, и тоа е исто. Таа е разликата. Немам дилеми дека не може да се квалификува како кривично дело сторено од небрежност. И судската пракса и законот е тука јасен, посочува правното лице.
Јавниот обвинител, Гаврил Бубевски вчера информираше дека Обвинителството ќе поведе постапка и против родителите на Јованов. Дадени се соодветни наредби до Министерството за внатрешни работи да ги испитаат околностите како што се: кој му давал средства за бензин во возилото, од кога е возилото, кој го употребува. Тој рече дека би подлегнало на одговорност тоа што на обвинетиот му се пружило средство за предизвикување општа опасност. Малиновски вели дека е воздржан со ставот за овој дел од истрагата, но, како што додава, кривично-правно малку не ми е јасно како ќе го пакуваат до Обвинителството.
Согласно оваа квалификација на делото, сторителот според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години. Соговорникот вели дека е неблагодарно да се лицитира со бројка колкава казна може да добие младиот возач.
-Јас сум поборник да се применува законот како што треба, а не по инерција. Револтот е повеќе од оправдан кај граѓаните, но судот треба да си постапува како што треба и да си ја одмери казната согласно сите околности. Не гледам ниту една олеснителна околнителност кај обвинетиот туку напротив гледам само отежителни. Претпоставувам дека казната ќе оди високо. Во ситуации на олеснителни или особено олеснителни околности, казната може да се изрече и под 4 години. Меѓутоа овде не гледам ниту олеснителна и мислам дека ќе биде висока казна. Неблагодарно е да се лицитира со бројка, оценува адвокатот Малиновски.