Александар Ѓорчевски нема никаква поврзаност со убиството на неговата ќерка Вања Ѓорчевска, рече адвокатот Владимир Туфегџиќ. Тој во постапката е адвокат на таткото Александар.
Јавниот обвинител, посочи, ќе има тешка задача да ги поврзе доказите за двете убиства, на Вања и Панче Жежовски. Таткото на Вања прв го открил возилото, па после полицијата го следела за да ја најде траекторијата, вели Туфегџиќ во „Претрес“.
„Јас на судот му стојам на располагање да се расчисти случајот”, рече на судењето таткото.
„Александар ја добива информацијата за исчезнувањето на Вања од мајката. Тие се во стресна состојба како родители. Прв чекор е да се извести полицијата. Мајката ја извести полицијата. Претпоставуваа дека детето одело на училиште. Тие биле со телефоните поврзани. Наставничката ја известила мајката дека Вања не се појавила. Вања немала никакви проблеми со мајката и таткото. Живеела во нормална средина, иако родителите биле разведени. Вања била особено поврзана со таткото. Нивен впечаток е дека полицијата доволно не се ангажирала и затоа сам почнал истрага и тоа го довело до видео камерите. Му ги дале снимките сите, забележал атипично движење на едно возило. Таткото презел сѐ што би направил родител. Таткото им ги дал снимките на полицијата”, рече Туфегџиќ.
Убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се класична егзекуција, тврди адвокатот на таткото на девојчето, Владимир Туфегџиќ.
„Нон сенс е да се тврди дека е убиство од интерес. Никој не може во ова да поверува. Меѓу двете убиства има поврзаност, двете ликвидации се на ист начин направени од исти луѓе. Има јасна формација и командна структура, имаат еден планер. Тука очекував јавниот обвинител да го бара одговорот. Изненаден сум што јавниот обвинител не дал наредба за реконструкција на настанот”, рече Туфегџиќ во „Претрес“.
Убијците ова го направиле без око да им трепне, рече адвокатот.
„Таткото ниту го знае, ниту го видел Љупчо Палевски некогаш, ниту имале контакт. За ова нема никаков доказ”, тврди Туфегџиќ.