Ако се затвори Ормускиот теснец преку кој се одвива 75 отсто од светската трговија со нафта, тогаш цената на нафтата може да порасне до 400 долари за барел и тоа би ја турнало светската економија во една економска криза од невидени размери, зголемена инфлација и зголемени трошоци на производство, истакна Огнен Цубалевски, генерален менаџер на ОДВ Електрик, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Голем ризик постои од зголемување на цената на нафтата, бидејќи веќе има зголемување од 4,5 до 5 олтсто за помалку од една недела по израелскиот напад врз Иран. Наместо духовите да се смират, сè повеќе се возбудуваат, па слушаме „Безусловна капитулација“, „Борба до смрт“, „Победа“, итн. Ние како компанија сме прилично воздржани во инвестиции во минатата и оваа година“, рече Цубалевски.

Зошто Ормутскиот теснец е едно од најважните места за светската економија?

Аналитичарите на „Голдман Сакс“ предупредуваат дека затворањето на Ормутскиот теснец би можело да ги подигне цените на нафтата над 100 долари за барел.

Ормутскиот теснец е тесен морски премин на излезот од Персискиот Залив и претставува клучна точка за светската трговија со нафта. Околу една четвртина од вкупната светска трговија со нафта поминува низ него секој ден, што го прави еден од најважните трговски патишта на планетата.

Теснецот се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, а во најтесниот дел е широк само 33 километри. Низ него, бродовите го напуштаат Персискиот Залив кон Оманскиот Залив и понатаму кон светските пазари. Откако конфликтот меѓу Израел и Иран ескалираше пред една недела, високи ирански функционери постојано се закануваа дека ќе го затворат Ормутскиот теснец.

Аналитичарите на „Голдман Сакс“ предупредуваат дека затворањето на Ормутскиот теснец би можело да ги подигне цените на нафтата над 100 долари за барел. Според податоците од Меѓународниот монетарен фонд, секое зголемување на цената на нафтата за 10% ја зголемува инфлацијата во развиените земји за околу 0,4 процентни поени.

Иако заканата од затворање е сериозна, многу аналитичари истакнуваат дека тоа би бил исклучително радикален потег. Иран со тоа би ризикувал конфликт не само со западните земји, туку и со клучните економски партнери како што се Кина, како и со соседните извозници на нафта – Катар и Обединетите Арапски Емирати – кои исто така зависат од слободниот премин низ теснецот.

Ормутскиот теснец е едно од најчувствителните геополитички места во светот – секое нарушување на неговиот сообраќај може да има непосредно и сериозно влијание врз глобалната економија.