Двајца маскирани напаѓачи во возило „мерцедес“ со германски регистарски таблички утрото по 9 часот со автоматско оружје пукале кон џип „форд“ кој е пак со италијански регистарски таблички. Од истрелите од автоматското оружје веднаш починал 34- годишникот Абдуљ Басри Ибраимовски додека три-годишниот помал брат Зејнељ Ибраимовски со прострелни рани во десното рамо е пренесен на скопските клиники.
Полицијата била известена неколку минути по пукањето, и по неколку часа се уште службеници има на терен. Обвинител собира докази од локацијата каде било пукањето во близина на поштата и џамијата во скопско Батинци.
Веднаш по настанот МВР излезе со детали од пукањето. Имено денес во 9:25 часот било пријавено дека во с.Батинци, скопско, две лица со патничко возило „мерцедес“ пукале кон патничко возило „форд“ во кое биле А.Б.И.(34) и З.И.(31), двајцата од с. Црн врв.
– Мотивот засега е непознат. Постариот од браќата се поврзува со Зулќуфли Нуредини од селото Батинци, добро познато име во криминалното подземје како Мали Репки. Од друга страна пак се шпекулира и дека станува збор за крвна освета за случај од пред 15 годиуни кога било убиено дете, по што жртвите од денеска се криеле досега во Италија, објави телевизија АЛФА.
Полицијата трага по убијците а дури и со хеликоптер го надгледуваше селото Батинци и околината.
На местото на настанот починал А.Б.И., а З.И. се здобил со повреди и е пренесен за укажување лекарска помош во Ургентен центар-Скопје. СВР Скопје во координација со Одделот за специјални полициски операции и Одделот за воздухопловни единици преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот, стои во Билтенот на МВР.
Жителите не сакаат да коментираат, велат ниту виделе ниту ја служнале пукотницата во која 34-годишен го загуби животот.
Како што велат очевидци, напаѓачите избегале кон село Драчевица.