Последна почит денеска му беше дадена на Сулејман Сулејмани, поранешен осуденик во случајот „Сопот“ и поранешен борец на Ослободителната војска на Косово, објави Алсат телевизија.

-Чичко Суљо, како што сите го познаваа, почина неколку години по ослободувањето од неправедната казна и неколку дена по добивањето на државјанството. Многупати раскажуваше за деновите поминати во затвор, за спиењето на влажен душек, за физичката и психичката тортура и за моралните навреди од затворските чувари. Иако беше ослободен пред 12 години и беше докажана неговата невиност, тој живееше без државјанство. Државата, која неправедно го осуди и последователно го ослободи со судски налог, не успеа да го отстрани од списокот на опасни лица и по неговата победа во битката за правда, објави Алсат.

„Не знам како да опишам. Знае само оној кој е суден. Си велев, само да дојде дома, да го видам во дворот и ако тогаш умре, нема да ми биде тешко. Затворите се за луѓе, ако правиш нешто, добиваш казни. Но, тие немаа вина. Ова беше многу тешко. Имав немажени ќерки. Се омажија, имаат деца од по 20 години, уште не знае каде им се куќите. Сè доживеавме. Одевме и доаѓавме со отечени очи. Синот беше без работа а ние шетавме по судови и затвори во Скопје и Куманово. Бог никој да не сослуша. Многу лоши работи сум доживеала, но војната во Косово и затворот ме изморија. Доживеавме многу работи. Тешко е да бидеш со солзи 24 години“, рече Севдие Сулејмани, сопруга на Сулејман.

78-годишниот Сулејман Сулејмани е вториот поранешен осуденик во случајот „Сопот“ кој почина, по Самет Лимани кој почина додека беше во бегство и беше осуден во отсуство. Тој не беше вклучен во мерката за обесштетување во 2018 година кога жителите на Сопот добија оштета за неправедната казна и времето поминато во затвор.