Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенција од страна на екипите на ЈП Македонија пат.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар, Виница-Берово и Кочани-Делчево.

Притоа, активни забрани за тешки товарни возила има на Крива Паланка-Деве Баир, Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар-Стража-Кичево, Пресека и Плетвар.