Апелација ги потврди казните на сите осудени за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски ќе треба да издржи 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска исто така треба да издржи 18 години затвор. И на третообвинетиот Андреј Костовски му е потврдена казната затвор од 16 години. Преиначување има само во делот на износот на нематеријалната штета, кој треба да се исплати кон семејството на убиениот Тот, објави Макфакс.

„Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А. Ѓ. е одбиена како неоснована, а жалбите на обвинетите А. К. и К. Л. се делумно уважени на начин што пресудата на Основниот кривичен суд се преиначува и во однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т. Т., да ѝ исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И. Т., татко на починатиот, а на Б. Т., брат на покојниот, досудена е исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Во согласност со пресудата, при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда“, велат од скопска Апелација.