Новото убиство во Тузла ја шокираше Босна и Херцеговина, но и регионот. Полицаецот на МВР од тузланскиот кантон, Елвис Ќустендил ја убил косопственичката на ресторанот Амра Кахримановиќ. Во неа испукал неколку куршуми и таа починала на лице место.

Недолго потоа Ќустендил избегал, а со брза интервенција на Специјалната единица на МВР бил уапсен пред зградата во која живеел. „Аваз“ утрово ги открива деталите што му претходеле на новото грозоморно злосторство.

Имено, Ќустендил не бил на должност кобната ноќ. Дошол во барот со пријателите со кои пиел. Еден час пред убиството во кафеаната се случил инцидент, поради што повикал полиција бидејќи еден од неговите „колеги“ со кои седел го нарушил јавниот ред и мир.

Имено, Ќустендил ги повикал полицајците да дојдат и да интервенираат, тие тоа го сториле и ги изнеле мажите од трговскиот центар, но тој потоа продолжил да пие.

Додека полицијата интервенирала во кафеаната, вработената ја повикала косопственичката Кахримановиќ да дојде на работа, што таа и го направила. А потоа продолжи драмата која заврши трагично.

Според очевидци, Кахримановиќ побарала гостите да го напуштат локалот, барајќи од нив да платат за испиеното и да си заминат, но Ќустендил, кој бил чест гостин на овој локал и дошол поради Кахримановиќ, одбил. После тоа дошло до расправија помеѓу несреќната жена и полицаецот, поради што Ќустендил извадил пиштол и испукал неколку куршуми кон несреќната жена.

Кога видел што направил, побегнал од трговскиот центар. На свирепото убиство посведочиле други гости и вработена во кафичот.

Неофицијално, Ќустендил и убиената биле во некаква врска. Тој со месеци доаѓал во кафеаната поради Кахримановиќ, што го потврдија бројни сведоци.