Четири лица поврзани со случајот со упадот во М-НАВ вечерва се однесени во Кривичниот суд. Од судот потврдуваат дека се донесени четири лица, но велат дека предлог обвинителен акт до нив се уште не е пристигнат од Обвинителството.

Во меѓувреме телевизија Телма објави снимки од моментот кога лицата се носат во Кривичниот суд, а меѓу нив и Бекир Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранокот на ДУИ.

Неколку лица повеќе часови денеска беа на распит во полицијата за вчерашниот упад во МНАВ и напад на вработени. Полицијата соопшти дека по налог на Основното јавно обвинителство се врши службен разговор со Б.Н.

Во соопштение доцна ноќеска МВР информираше дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица и оти наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.

Според Јавното обвинтелство, како што информираа претпладне од прес-службата, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, а Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.

Како што наведе МВР во соопштение по нападот, во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата).