Во деновите кога граѓаните на Македонија ги живеат најтешките денови во историјата од постоењето на нашата земја дезинформациите за жал, се шират брзо колку и информациите. јавноста жали, сочувствува, тагува, па по објавата на имињата на починатите кои беа вчера, (четврток 20 март 2025) погребани, се зборува и за здравствената состојба на настарданите кои ја преживеаа страшната несреќа.
Кога се членовите на ДНК и нивниот придружен бенд во прашање првичните информации беа дека само Панчо и придружниот вокал Ана Костадиновска ја преживеале несреќата. З а останатите бргу се ширеа една по една кобните вести дека за жал се починати. Но речиси ниту еден медиум не го спомна името на гитаристот на групата, младиот штипјанец Горан Тонев кој ги свиреше гитарските делници во песните на ДНК на нивните настапи.
За среќа во целата катастрофа во пожарот на 16-ти март во дискотеката „Пулс“ во Кочани за време на концертот на групата ДНК, младиот гитарист ја преживеа несреќата. Горан Тонев покрај Панчо и Ана е третиот член на бендот кој остана жив.
Од извори блиски на семејството, Вистина дознава дека иако Тонев има тешки повреди, сепак е во стабилна состојба и се наоѓа во една од болниците во Солун, Република Грција.
Пред два дена над него е направена и втората операција, а по последните изјави на лекарите неговата здравствена ситуација се подобрува и според нив има зрак на надеж дека ќе биде уште подобра.
Инаку Тонев е дипломиран музичар на гитара на Музичката Академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кого јавноста го памети и по неговите настапи во 2020 година како дебитант на „Макфест“ во неговиот роден Штип со песната „Моја и твој“.
Но оние кои ги следат „Ѕвездите на Гранд“се сеќаваат на него и како учесник во најпознатото регионално музичко талент шоу , каде беше во тимот на Цеца Ражнатовиќ и Ивана Петерс.