Македонската полиција го приведе Рамзи Аземи од Косово поради распишана потерница по него во Еквадор за убиство на државјанинот на Албанија, Илир Хидри, што се случило во мај 2017 година во градот Гвајакил во Еквадор. Според косовските медиуми, Аземи бил главен осомничен за ова убиство. МВР ја потврди информацијата.
„На 05 декември во 22.20 часот на Граничниот премин Долно Блаце, полициски службеници го лишиле од слобода А.Р.(42) од Косово, затоа што по извршена контрола и проверка било констатирано дека се барал со меѓународна потерница од Интерпол. Тој бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка“, стои во полицискиот билтен.
Во текот на истражниот процес биле собрани докази кои ја докажуваат поврзаноста на Аземи со ова дело. Тој бил на црвената листа на Интерпол. Јужното одделение за кривична правда, со седиште во Гвајакил, издаде налог за негово апсење во 2021 година.
Уапсеното лице го чека формален процес на екстрадиција.
Во јуни 2017 година беше убиен Илир Хидри. Тој бил застрелан со три куршуми во задниот дел од главата. Постои оправдано сомневање дека Хидри бил соучесник на полицијата која ја разоткрила нарко мрежата. Тој е осомничен дури и дека соработувал со американската ДЕА во решавање на криминал и активности на нарко-мрежа.