Претпладнево во Вараждин започна распит на родителите на двете бебиња чии тела беа пронајдени закопани во дворот на нивната семејна куќа во Општина Љубешчица, изјави Дарко Галиќ, заменик на жупанискиот државен обвинител.
Телата на закопаните бебиња беа пронајдени синоќа, откако полициската управа Вараждин добила дојава за сомнеж за сторено кривично дело „повреда на права на дете“.
Како што е утврдено со истрагата, бебињата се најдени во шума во Љубељ Калнички кај Нов Мароф, биле на возраст од околу една година, додека роидителите имаат 34, односно 38 години, пренесува 24сата.хр.
Околу куќата и денеска се видливи траги од копањето на багерите. Полицијата, но и локалните жители, неколку пати се огласија за трагичниот настан што ја потресе Хрватска, но и регионот. Рекоа дека не воопшто не знаеле дека жената била бремена ниту со едно од двете деца кои се пронајдени мртви. Третото малолетно дете, за кое се сомнева дека, исто така, било злоставувано и занемарувано е издвоено од семејството во соработка со хрватскиот Центар за социјална работа.
Хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ потврди дека полицијата дознала за злосторството преку дојава.
„Полицијата доби дојава од релативно близок извор дека во тоа семејство се случува нешто чудно. Тоа е лице кое го познава семејството, но не станува збор за член на пошироката фамилија“, рече Божановиќ.
Тој претходно истакна дека породувањата „очигледно се извршени самостојно во куќата“, како и дека не е извршен упис на децата во регистарот и во матичните книги, па воопшто не се знаело за нивното постоење.
Според неофицијални информации што ги пренесуваат хрватските медиуми од избори блиски на истрагата, наводните родители на децата се изјасниле како припадници на месијански Евреи. Врз основа на јавно достапните извори, станува збор за едно од верските движења, т.н. еврејски христијани, кои под тој назив се појавиле во 60-тите години од минатиот век во САД и кои, според проценките, денеска бројат околу 350.000 членови на глобално ниво.
Познаник на таткото за 24сата.хр рече дека некое време контактирал со него, но драстично се променил и оддалечил од сите, кога влегол во секта заедно со сопругата.
„Не знам за која секта се работи, но целата нејзина фамилија беше вклучена, а го вовлекоа и него. Децата воопшто не сакаа да ги пријават во системот. Еднаш ме повика нивниот татко дека е загрижен за нив. Жената изгледа немаше доволно млеко, а кога татко му го советувал за дохрана, го одби тоа и го прекина секој контакт. Повеќе не сакаше да зборува за децата, само се јави на татко му дека се родени, но не сакаше да им покаже фотографија или да ги пушти да ги видат“, рече тој.
Осомничени од претходно се повлекле од цивилизација и живееле во изолација. Таткото е по потекло од Сплит, каде во младоста играл ватерополо и бил добар голман, барем така тврдат неговите поранешни тренери и соиграчи.
Претседателката на месната заедница „Љубељ Калнички“, Душанка Канешиќ изјави дека никогаш не ги видела луѓето кои не биле пријавени во општината, како и нвните деца.
„Ова страшно ме вознемири. Искрено, се тресам. Претешко е. Не се дружеа со никого од местото, но тоа никому не беше сомнително. Раштркани сме, ги пуштате луѓето да живеат, не можете да се наметнувате никому ако тој нема потреба“, вели Канешиќ.
Таа додаде дека никој не ги видел и вели дека оделе на прошетка во шумата на страната на која нема никој. Вели дека никогаш не видела ниту едно од децата, дури не знаела дека жената е бремена.